И змиите жртви на загадувањето од РЕК
Ракот стана честа болест во Новаци, обвинуваат жителите на ова битолско село и тврдат дека поради загадување на каналот изумреле змиите, жабите и друг жив свет во него

[Земјоделците разочарани го покажуваат родот уништен од загадувањето]
Правта од РЕК ни влезе во белите дробови и ракот стана најчеста болештина во Новаци. Многу млади го завршија животот пред време. Дел од болните се луѓе што работат во рудникот.
Со овие зборови 70-годишниот Ѓорѓи Котевски од битолското село Новаци ги опишува последиците што ги чувствува населението во околината на Рударско-енергетскиот комбинат. Неговото село Новаци е оддалечено само еден километар од комбинатот. Котевски вели дека селаните се’ почесто се разболуваат на возраст од 30 до 50 години и не поживуваат долго. Тој многу години работел во РЕК „Битола“ и вели дека наутро воздухот е со непријатен мирис и тежок за дишење.
Ист проблем ги мачи жителите на селото Добромири, на два и пол километри од РЕК. Загадениот воздух им ги поцрнува испараните алишта, ќерамидите од куќите, а се сомневаат дека предизвикува смртност кај домашните животни.
- Грижа ни создава смртноста кај прасињата. Од триесетина, пет-шест умираат секоја година, иако ги третираме со потребните препарати против животински болести. Умираат поради неотпорност на организмот - тврди Света Илиевска од селото Добромири.
Загадувањето подеднакво го погодило и земјоделството во овој крај. За да успее градинарска култура, мора да се одгледува под пластеници. Пиперките што се директно изложени на надворешните влијанија се до трипати помали од тие што растат под пластеник.
- Во селото нивите се наводнуваат со нечиста вода која има боја на прегорено масло од автомобил. Тоа е отпадна вода, која РЕК ја пушта низ одводниот канал откако со разни хемикалии ќе ги измие кулите. Таа се влева во Десеттиот канал и од неа користиме за полевање - вели Слободанка Пајковска од Новаци.

[Поради загадување изумрел целиот животински свет во каналот во Новаци]
Токму од таа вода пред шест години му се затруле 30 овци на Никола Јовановски од истото село. Тој обвинува дека водата содржи опасна хемикалија „хидразин“, која се применува за миење на блоковите пред ремонтите и овозможува да не ‘рѓосуваат цевките.
- Водата се испушти непречистена. Тоа беше отров зашто во каналот исцркаа змии, жаби, гуштери, па дури и шамакот изгоре. До денес не ми дале ни денар отштета - тврди Јовановски.
Снежана Стоилова, доктор по медицински науки, вели дека од ваков загадувач селата треба да бидат оддалечени најмалку десет километри. Досега не било направено истражување колку РЕК е предизвикувач на малигни заболувања.
- Од десетгодишното истражување што го извршив врз вработени во рудникот директно изложени на јагленовата прав, заклучив дека кај нив е зачестена појавата на хронични и опструктивни бронхитиси, емфизем на бели дробови, од што подоцна може да настане комплетно нарушување на респираторниот систем. Сигурна сум дека ако ваквото истражување продолжеше во континуитет сега ќе имавме податоци кои ќе зборуваат за трајни здравствени промени - изјави Стоилова.
Жанета Здравковска